Западот треба да и понуди на Србија јасна западна перспектива и тоа би била можност што не треба да се пропушти, но на нив е да одлучат, изјави денеска во Брисел хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
По самитот на земјите-членки на НАТО, Милановиќ изјави дека на самитот се фокусирале на Западен Балкан, Босна и Херцеговина како загрозена земја, потоа Молдавија и Грузија, но никој не ги спомнал Србија и Косово.
-Србија има избори за неколку дена и имам впечаток дека долго време е во криза на идентитетот и дека тешко и да разбере дека за Русија е само фуснота. За нас, за НАТО и ЕУ е важно, бидејќи Србија преговара за членство во ЕУ, а на НАТО е партнер, исто како БиХ, да биде стабилна земја со јасна западна перспектива, во оваа ситуација тоа малку појасно да и се понуди, па ако разберат, разберат, а ако не разберат, не разберат, но ова е секако можност што не треба да се пропушти и на крајот сами ќе одлучат, изјави Милановиќ по самитот во Брисел.
Хрватскиот претсдеател додаде дека е време четирите членки на НАТО кои сè уште не го признале Косово тоа да го сторат и дека „Косово треба конечно да се интегрира, да стане целосна држава“.
Милановиќ рече дека веќе потпишал одлука за испраќање 70 хрватски војници во борбената група во Унгарија, но дека тие сè уште нема да одат таму.
-Таа одлука е потпишана и ќе видиме кога војниците ќе заминат. Во принцип решението е потпишано, засега не се планира физички да се оди во Унгарија, тука се во Хрватска, командата функционира. Хрватска ќе биде многу внимателна, не грижете се, рече Милановиќ и додаде дека тие одлучуваат за овие работи. Бидете уверени, ова не е напад на членка на НАТО, ова е напад на соседството и никој нема да одлучи за испраќање војници освен нас.