Првиот предизвик е во Рига на 10 отктомври, а три дена подоцна ќе се соочиме со Ерменците во Ереван, селекција која минатиот месец ја добивме во Скопје со 2-0.
Предводникот Благоја Милевски повторно има проблеми со дел од играчите, некои се повредени, некои немаат клуб, некои не играат во своите екипи, но без разлика на се селекторот верува дека ние сме тие кои се прашуваме за изгледот на табелата и првото место.
-Што се однесува до списокот, за жал повторно имаме некои повреди на фудбалери кои беа непланирани. Трапановски нема да игра поради повреда на тренинг. Ќе мора да паузира четири до шест седмици. Се надевам дека Трајковски ќе биде подготвен и ќе ни биде на располагање. За жал, Дарко Велковски нема клуб и жалам што не е во посакуваната форма. Не сум задоволен од статусот на Елези во тимот на Бохум. Тој е професионалец и ќе даде сè од себе да се наметне во клубот. Потребен ни е таков играч, беше со нас на минатите собири и се разбира дека сметаме на него во иднина“.
-Имаме проблеми со дефанзивата, особено со жолти картони и поради тоа е повикан Стојчевски за да биде дел од ротацијата. Останатите се надевам дека ќе бидат здрави пред се, а потоа и способни да се стават во функција на тимот. Во моментов ми е најважно здравјето на фудбалерите. Не можеме да зборуваме за натпреварувачка форма, тимот го градиме веќе три години и не сме во позиција да го менуваме секој собир. Тие фудбалери кои се повикани се најдобри во моментот, без разлика за формата. Секогаш се тука за Македонија и тоа е најважно“.
-Нè очекуваат уште четири меча, секој од нив е подеднакво важен. Сега играме на гости со Летонија и Ерменија. Ме радува фактот и се надевам така ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега, -истакна Милевски.