Летот до Вселената траеше 11 минути. Меѓу астронаутите е и братот на Џеф, Марк Безос. Посадата ја сочинуваа и американската авијатичарска ветеранка Воли Фанк, која е во своето деветто десетлетие од животот, како и 18-годишниот Оливер Дајмен.

„Њу Шепард“ беше лансиран во 15:00 часот по македонско време, од космодромот „Лонч сајт уан“, во западен Тексас.

Пред само 10-нa дена, еден друг милијардер и соперник на Безос во трката за вселенскиот туризам – основачот на „Вирџин Галактик“, Британецот Ричард Бренсон го имаше своето успешно „огнено крштевање“ во Вселената. Сепак, целите на „Блу ориџин“ се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото „Њу Шепард“ на Безос, но и во однос на идните планови.

Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во коишто луѓе ќе работат и живеат. Компанијата денес работи и на орбиталната ракета „Њу Глен“ чија цел е слетување на Месечината.