Македонија, Албанија и Црна Гора оценети како предводници во реформите
„Според последните анализи на Европската комисија, уште еднаш се потврдува дека Македонија заедно со Албанија и со Црна Гора во нашиот регион е признаена како фронтранер по однос на постигнатите реформи согласно Реформската агенда“, изјави Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Тој посочи дека во рамки на Планот за раст, распределбата на средства е директно поврзана со реформските резултати.
„Според правилата на планот за раст на Европската комисија, финансиската поддршка којашто се насочува кон земјите кандидати е условена од степенот на постигнати реформи и тука Албанија, Македонија и Црна Гора се оценети со највисока оценка за разлика од други земји кандидати во регионот“, рече Милошоски.
ЕК со позитивна оценка, најавена и прераспределба на средства
Милошоски оцени дека извештајот на Европската комисија претставува потврда за реформскиот напредок на земјата.
„Оваа потврда од Европската комисија дека Македонија ги спроведува обврските од Реформската агенда, односно дека има значителен напредок е силна потврда, но исто така и мотивација за македонската Влада и за парламентарното мнозинство да продолжиме со ова темпо“, изјави тој.
Тој ја поздрави и најавата за можност за прераспределба на средства во рамки на европскиот план.
„Како држава ја поздравуваме оценката на Европската комисија, како и нивниот план за реалокација на средства од Планот за раст, при што од оние земји коишто постигнале послаби реформи би се одзеле одреден дел на средства и истите би се алоцирале кон Албанија, Македонија и Црна Гора како земји коишто предничат во спроведувањето на реформите согласно Реформската агенда“, рече Милошоски.
Апел до опозицијата: Да не се блокираат реформските закони
Во завршниот дел од обраќањето, Милошоски упати критика кон опозицијата и апел за поддршка на реформските процеси.
„Со овие проценки на Европската комисија, за жал на Венко Филипче, се растура нивната манипулација дека Македонија заостанува во реформите“, рече тој.
Тој додаде дека извештајот треба да биде поттик за политичка поддршка на законските решенија.
„Оваа проценка од Европската комисија ни дава за право да упатиме еден апел до претседателот на СДС, Филипче, доколку Европската комисија ги препознава реформите коишто Македонија ги има постигнато, тогаш барем тој како претседател на оваа опозициона партија да не ги попречува законите коишто се дел од обврските во Реформската агенда, исто како и Изборниот законик и да биде прагматичен во интерес на државата“, истакна Милошоски.
Тој повика на усвојување на клучните закони со цел зајакнување на позицијата на државата во Брисел и пристап до европските средства.
