Би сакал да кажам дека денес протестот го одржуваме пред Министерството за надворешни работи затоа што ова надворешно-политичко прашање поврзано со можните дополнителни отстапки од Македонија кон Бугарија ги засега и министерот Бујар Османи и премиерот Заев и вицепремиерот Никола Димитров коишто беа личности што пред три години нè убедуваа дека сме почнале преговори со ЕУ, а гледаме дека и ден денес тоа не е случај, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
– Истите тројца беа промотори на референдумот на којшто ветуваа дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, но далеку сме од таквата ситуација. Затоа повикуваме до институциите особено до Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието како дом каде што се наоѓаат народните избраници и таму на граѓаните преку пратениците и на јавноста да и објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија и зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста – рече Милошоски.
На прашањето до кога ќе траат протестите, Милошоски одговори дека зависи од власта какво поведение ќе има.
– За викендот ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои активности во Битола со Унијата на млади сили и таму ќе одржиме една годишна конференција. Од следната недела зависи од власта какво поведение ќе има, ако продолжат да бидат таинствени, конспиративни и не сакаат да споделат со јавноста за какви тајни анекси се преговара со Софија, тогаш ќе имаат одговор каков што имаа и досега. Се надеваме дека ќе имаат демократски капацитет да покажат дека пред јавноста, Собранието и граѓаните нема работи кои што ги кријат на штета на Македонија – рече Милошоски.