Градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, придружуван од Сара Даневска Ивановски, директорка на Музејот „Теракота“, и претседателот на Советот на Општина Виница, Гоце Василев, денес оствари работна средба со вршител на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата Костадиновски ја претстави Виница како општина со значаен потенцијал за развој, во која преку координирана соработка меѓу локалната самоуправа, институциите и партнерите може да се создадат нови можности за активно вклучување на младите во локалните политики, нивно учество во процесите на одлучување и реализација на иницијативи што одговараат на нивните потреби.

На средбата, посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во рамки на потенцијални инвестициски програми и иницијативи насочени кон младите, но и на развојот и промоцијата на локалниот туризам.
-Во тој контекст, го презентиравме богатото културно-историско наследство на Виница, со посебен осврт на Виничкото Кале и уникатните теракотни икони, како значаен дел од нашето културно наследство што заслужува поголема афирмација и меѓународна промоција, посочува градоначалникот Костадиновски.
Нашата цел е, додава тој, да ги поврземе потенцијалите што ги поседуваме со нови можности за соработка, кои ќе придонесат за развој на Виница, поголема вклученост на младите во животот на заедницата и зачувување и промовирање на културното богатство што го наследивме.
Општина Виница упатува благодарност до амбасадорката Никол Варнс и претставниците на Амбасадата на САД за отворениот разговор и разгледувањето на можностите за идна соработка. МИА
