Според првичните официјални резултати на ДИК на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, одѕивот изнесувал 46,58 проценти, односно гласале 7.572 избирачи. Најмногу гласови – 2.945 или вкупно 38,89 проценти од вкупниот број освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радичевски.

– Државната изборна комисија врз основа на податоците од доставените записници од избирачките одбори и од ОИК утврди дека од запишаните 16.256 гласачи во заклучениот избирачки список на денот на изборите, вчера во Брвеница гласале 7.572 избирачи, односно 46,58 проценти. Според пресметаните и утврдени резултати, утврдивме дека најмногу гласови има Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ со освоени вкупно 2945 гласови или 38,89 проценти, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ДИК.

Според него, второпласиран е кандидатот Аркин Јахиј од НАИ, кој освоил 2.152 гласа или 28,42 проценти, третопласиран е кандидатот Јакуп Хусеини од коалицијата „Вреди“ со освоени 1.529 гласа или 20,19 проценти, а четвртопласиран кандидат е Јовица Радески од СДСМ и коалицијата за предвремените избори за градоначалник во општина Брваница, кој освоил 707 гласа или 9,34 проценти. Петтопласиран е Душан Богдановски – група избирачи со 57 гласа, а шестопласирана е кандидатката Арифе Идризи – група избирачи, која освоила 21 глас.

Маричиќ потсети на роковите, нагласувајќи дека подносителите на листите на кандидати имаат право да поднесат приговори до ДИК за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во рок од 48 часа по денешното објавување на првичните официјални резултати.

– Приговорите за постапката на гласањето може да се поднесуваат најдоцна до утре, вторник, 20 октомври, до 19 часот, а рокот за приговорите за постапката за сумирање и утврдување на резултатите истекува в среда, 21 октомври, во 12.30 часот – рече Маричиќ.

Претседателот на ДИК појасни дека против одлуката на ДИК по приговорите подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

– Државната изборна комисија конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност, што значи 24 часа по завршување на целата постапка по приговорите – истакна претседателот на ДИК, Маричиќ.

Според законот, првите двајца пласирани одат во втор круг на избори, кој треба да се одржи за две недели.

Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа бидејќи на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски.