Охридскиот рамковен договор е дел од нашата понова историја и од политичката и институционалната реалност на државата. Денес, на годишнината од неговото потпишување, важно е на овој документ да гледаме со зрелост, со почит кон различните ставови што постојат во општеството и, пред сè, со одговорност кон иднината, напиша премиерот Мицкоски.

Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите.

Повеќе од две децении подоцна, пред нас стојат нови предизвици. Денешните генерации очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард, економски развој и можности својата иднина да ја градат дома. Тоа се прашањата околу кои треба да се обединуваме, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, вели Мицкоски.

Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме. На Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот нема да се мери според неговото потекло, туку според неговото знаење, труд, чесност и придонес кон заедницата. Држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот и во која напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите.

Нашата одговорност денес е да создадеме стабилна и сигурна држава во која секој ќе се чувствува почитуван и еднаков пред законот, а истовремено да изградиме заедничко чувство на припадност и одговорност кон државата.