Преку исцрпна, искрена и продуктивна јавна дискусија за трите предлог закони за јавни службеници, за вработените во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници министерот за јавна администрација Горан Минчев очекува масивната, непродуктивна и непрофесионална администрација да се трансформира во добра и квалитетна, со ефикасни, транспарентни и достапни услуги, вистински столб на секоја нација, пренесува Слободен Печат.
Трите закони кои сега се на објавени на ЕНЕР и отворени за сугестии од сите засегнати страни така како што беа предложени во собрание од претходната власт значеа партизација, па ги враќаме назад за да се департизираат сите вработени во јавната администрација и јавниот секторм, вели министерот.
-Основната заложба на оваа влада е етничкиот предзнак да не биде принцип за вработување. Мислам дека е дојдено време, во администрација да се вработуваат луѓе врз база на знаење, на квалитет, со цел да имаме силна, ефикасна и добра јавна администрација. Но тоа е второто начело. Првото начело е да имаме квалитетени закони, токму овие за коишто денеска зборуваме, кои е исклучително важно да бидат применливи и системски. Ако го постигнеме ова тогаш може да зборуваме за втората фаза, за добра и квалитена администрација врз база на знаење и квалитет, нагласи Минчев.
За него е завршена дебатата околу тоа дали формулата за пресметка на алатката балансер со која се обезбедуваше правична етничка застапеност во јавната администрација да се темели на резидентното население во државава или да ја опфати и дијаспората, со што претходната влада го зголеми процентот на застапеноста на Албанците по пописот во 2021 година на 29,54%.
-Не постои ништо што е намерно, или ќе се почитува или нема да се почитува закон. Јас како министер сум должен да го почитувам законот и тоа ќе го правам се додека сум министер, до последна запирка. Стриктно е наведен членот, ако мислите за пресметката во балансерот дека се однесува исклучиво на резидентното население односно на територијата на Република Македонија. Тоа значи дека сите жители кои живеат на територијата на Република Макеоднија ќе бидат во пресметката на т.н. балансер, односно во формулата за пресметка. Таа тема е завршена, и архивирана и се спроведува, рече министерот Минчев.
Тој не очелува ваквниот дециден став да предизвика потреси во владината коалиција, посебно со коалиционите партнери од Вреди туку очекува сите да ги почитуваат и спроведуваат законите.
-Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалицините партнери. Исклучиво спроведуваме закони, а еден од принципите на кои е договорена оваа коалиција е почитувањето на законите. Јас само спроведувам закони. Во законот за вработени за јавен сектор децидно пишува дека алатката балансер се применува исклучиво за граѓаните кои живеат на територија на РМ, а тоа е резидентното население според податоците од последниот попис. Се надевам дека колегите од ВРЕДИ ќе се вразумат и ќе потрошат овеќе внимание на читање на постоечките закони и ќе се посветат на спроведување на овие законите, а не со днвно политички теми, рече Минчев.
Првата јавна дискусија за трите нацрт закони почнува од утре, во рамки на кампањата под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која ресорното министерство ја спроведува во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП) и британската амбасада и амбасадорот Метју Лосон. Серијата дебати на кои се поканети синдикатите, невладините организации, граѓанските организации, институциите, меѓународните организации, експертите, и претставници на европските институции ќе придонесат да се искристализираат конечните законски текстови за кои има рок до крајот на септември да се вратат во собрание, на комисиска расправа, потоа да се усвојат од пратениците и да почнат да се спроведуваат од Нова година.
Министерот Минчев не сакаше да сугерира свои видувања за дел од проблемите со кои се соочува јавниот сектор, со превработеност на една страна и недоволно кадар во други институции, вклучително и во новоформираните министерства, но напомена дека една опција е со преземање на кадри од други институции за да се зголеми капцацитот на кадровската поставеност на сите органи вклучително и на новите министертва.