Министерството за правда денеска соопшти дека министерот Кренар Лога испратил писмени дописи со барање за номинација на претставници во работната група за измени на Уставот до сите релевантни чинители за овој процес. Дописи се испратени до Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања, парламентарните политички партии но и до сите експерти кои имаат познавања од уставната материја. Рокот за номинирање на претставник е најдоцна до 10 април 2023 година.
„Во барањето за номинација е наведено дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од преговарачката рамка која ја усвоиле 27 земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на уставното право кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени“, велат од министерството за правда.