Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа. Новиот Правилник произлегува од дoнесувањето на новиот Закон за игрите на среќа.
Со овој подзаконски акт детално се пропишува потребната документација за потврдување на репутацијата на сите правни и физички лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Апликантите се должни да достават документација со која се докажува исполнувањето на условите за репутација, односно документација која е меѓу другото поврзана со изречени санкции за забрана за вршење професија, потоа дека не е изречена казна за забрана за приредување на игри на среќа и слични околности кои се значајни за нивното учество во приредувањето на игрите на среќа.
Правилникот воспоставува и строга контрола врз потеклото на средствата во основната главнина. Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на паричните средства од нивниот извор до уплатата во друштвото. Дополнително, се уредуваат и постапките за промена на сопственичката структура, промена на главнината и именувањето членови во органите на управување и надзор.
Донесувањето на Правилникот е произлезено од новиот Закон за игри на среќа во кој меѓу другото како новина беше воведено ценење на репутацијата на содружниците соработниците на друштвата на кои им се издадени лиценци за игри на среќа, како и за членовите на органите на управување и надзор на трговското друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер, како битен фактор во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, поради што и се предлага ценење на репутацијата за наведените лица.
Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни оваа година, а целта беше воспоставување современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
