Македонија има нова влада, а Христијан Мицкоски е новиот македонски премиер, откако во Владата, техничкиот премиер Талат Џафери му ја предаде премиерската функција.
Освен за премиерската, церемонии за примопредавање на функциите одржани и во останатите министерства, меѓу досегашните технички и новоизбраните министри.
Прв работен ден на новите министри
Нов македонски министер за одбрана е Владо Мисајловски.
„Да живее македонската Армија и да живее Македонија. Чест ми е што во наредниот период ќе го раководам ова министерството, а уште поголема е и обврската кои вработените и хероите кои се грижат за нашата и за безбедноста на Македонија“, порача новиот министер Мисајловски на церемонијата за примопредавањето, Владо Мисајловски.
Досегашниот заемник министер за одбрана, пак, Тирон Јајга на Мисајловски му го честиташе изборот, посакувајќи му успех во исполнувањето на функцијата.
Прв човек во Министерството за внатрешни работи е Панче Тошковски, кој ја извршуваше истата функција и во рамките на техничката влада. Тошковски денеска го доби мандатот.
Министер за надворешни работи и надворешна трговија е Тимчо Муцунски, кој првиот работен ден како министер го минува во Луксембург, на состанок меѓу шефовите на дипломатиите на Европската унија и земјите од Западен Балкан.
Полноправното членство во ЕУ е наш приоритет и тоа е од суштинско значење за регионалната соработка, безбедност и развој. На првиот работен ден од министерскиот мандат, денес сум во Луксембург, каде ќе учествувам на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија и земјите од Западен Балкан, напиша Муцунски.
Министер за транспорт и заменик претседател на Владата е Александар Николоски.
Најдлабока човечка желба е да остави нешто позади себе. Добивам можност да оставам дела што ќе се трајно вградени на најубавите страни на македонската историја. Ќе правиме убави работи и многу дела, се огласи Николоски по добивањето на функцијата.
На чело на Министерството за здравство застанува Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“. Новиот министер за здравство уште денеска ќе разреши 7-8 економски директори на клиниките. За останатите ќе се прават законски измени во најбрз рок, за да не се соочува министерството со тужби најави Таравари.
Останати министерства
На чело на Министерството за финансии застанува Гордана Димитриеска – Кочоска. Новото Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси ќе го предводи Сања Божиновска. Прв човек на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски. На чело на Министерството за локална самоуправа застанува Златко Перински. Министерката за образование и наука пак, е Весна Јаневска. Прв човек во Министерството за култура и туризам е Зоран Љутков. На чело на новото Министерство за дигитална трансформација застанува Стефан Андоновски. А Борко Ристовски пак, ќе биде првиот македонски министер за спорт. Горан Минчев од движењето „За наша Македонија“ е новиот министер за јавна администрација, а од редовите на ЗНАМ е и првиот човек на Министерството за правда, Игор Филков.
Изет Меџити, од истата коалиција, е новиот вицепремиер и министер за екологија. Од редовите на „Вреди“ е и новиот министер за економија и труд, Бесар Дурмиши, како и министерот за европски прашања Орхан Муртезани и за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Министер за односи меѓу заедниците е лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ. Претседателот на социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски е вицепремиер за политички систем, Шабан Салиу од „Ромски демократски сили“ е новиот вицепремиер за интеграција и имплементација на „Декадата на Ромите“ и министер без ресор, а вицепремиер за политики и добро владеење и министер без ресор ќе биде Арбен Фетаи.
77 гласа „за“ новата влада
Македонското собрание со 77 гласа „за“ и 22 „против“ ја избра новата, дваесетта по ред влада, по победата на ВМРО – ДПМНЕ на последните парламентарни избори.