Украина не може да се повлече од своите територии, таму живеат наши луѓе

Украина не може да се повлече од своите територии како дел од кој било мировен договор со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фокс њуз“. Тој нагласи дека ова прашање не е само правно, туку длабоко човечко и егзистенцијално.

„Не можеме само да се повлечеме, тоа е надвор од нашиот закон. Не можеме само да се повлечеме од нашите територии. Но, не станува збор само за законот. Таму живеат луѓе, 300.000 луѓе… Не можеме да ги изгубиме овие луѓе“, нагласи Зеленски во разговорот со новинарот Брет Бајер.

Изјавата доаѓа по неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, која Зеленски ја оцени како една од најпродуктивните средби што ги имале оваа година.

„Навистина сум му благодарен на претседателот Трамп, тоа беше многу продуктивна средба, а во Мар-а-Лаго можеби имаше поинаква атмосфера“, рече Зеленски, додавајќи дека ова била нивна шеста средба годинава.

Мировниот план речиси завршен, спорот околу териториите останува

Украинскиот претседател откри дека ревидираниот мировен план од 20 точки е речиси финализиран, но дека токму територијалното прашање останува најголемата пречка.

„Кога реков дека 90 проценти (од планот) е завршен, тоа е точно бидејќи има проблеми само со две точки“, изјави Зеленски, посочувајќи дека клучниот спор се однесува на териториите.

„Да, тоа е тешко прашање“, призна тој, додавајќи дека Украина и Русија имаат целосно спротивставени ставови, но дека САД ги разбираат позициите на двете страни и „се обидуваат да најдат компромис“.

Зеленски посочи дека Украина во последниот месец презела конкретни чекори кон мир и отворила можност за референдум за мировниот план, но потенцираше дека тоа не може да биде оправдување за повлекување.

„Не можеме да заминеме затоа што таму беа ранети 100.000 луѓе, десетици илјади беа убиени. И нашата војска е исто така таму“, рече тој.

Како можен компромис, Зеленски откри дека Украина предложила воспоставување демилитаризирана слободна економска зона, со заеднички чекори и повлекување на силите од двете страни.

Без американска поддршка, одбраната е невозможна

Зеленски беше дециден дека без поддршка од Соединетите Американски Држави, Украина не може да ја продолжи одбраната, особено во воздухот.

„Не можеме. Без американска поддршка, не можеме да го браниме небото“, изјави тој, нагласувајќи дека системите за воздушна одбрана и муницијата од САД се клучни додека Русија продолжува со масовни напади со беспилотни летала и ракети.

Тој зборуваше и за безбедносните гаранции, посочувајќи дека Украина бара долгорочни и правно обврзувачки гаранции од САД, со поддршка од Конгресот.

„Денес разговаравме со претседателот и има предлог. Првиот предлог се однесува на безбедносни гаранции за 15 години. Тоа е добар предлог, со можност за продолжување“, изјави Зеленски, објаснувајќи дека тие гаранции нема да значат членство во НАТО, туку ќе бидат „слични на НАТО“.

Зеленски го призна заморот од војната кај граѓаните, но истакна дека јавната поддршка за мир е јасна.

„Луѓето го сакаат тоа, 87 проценти го поддржуваат мирот. Во исто време, 85 проценти се против повлекување од исток, од Донбас“, рече тој.

На крајот, Зеленски порача дека Украина нема алтернатива освен да бара мир под прифатливи услови.

„Мораме да го направиме тоа, немаме друг начин. Другиот начин би бил војна“, заклучи украинскиот претседател.