Министерот за одбрана презентира план за наредните 10 години
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ истакна дека биле разгледани сите цели на способност и стратегијата за наредните 10 години. Тој посочи дека дискусиите се фокусирале на најважното прашање – издвојување на 3,5% од бруто-домашниот производ за одбраната во следната декада.
„Разговаравме за најважното прашање, би рекол, 3,5% за наредните 10 години да се издвојуваат средства од БДП, што е навистина сериозна работа, круцијално прашање“, рече Мисајловски.
Министерот додаде дека бил направен целосен осврт на тоа како ќе се вложуваат средствата, директно преку Министерството за одбрана. Бил презентиран нов план за наредните 10 години, кој ги опфаќа зголемувањето на буџетот и конкретните набавки кои ќе следат.
„Разговаравме за начинот како би стигнале во наредните 10 години, направивме целосен осврт во што ќе вложуваме директно во армијата, односно преку Министерството за одбрана. Еден нов план, презентиравме за наредните 10 години колку ќе се зголеми буџетот и што ќе се купува во периодот што следи“, истакна Мисајловски.
Тој нагласи дека Македонија ќе доживее историски години во модернизацијата на својата армија, со силен фокус на развој и обновување на одбранбените капацитети.
