Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска им оддаде почит на десеттемина македонски бранители кои пред 25 години ги загубија животите кај Карпалак. Тој потсети дека станува збор за припадници на резервниот состав на македонската Армија кои ги положиле животите во одбрана на Македонија.

„На овој тажен ден, со длабока почит се поклонуваме на сите бранители кои се одзваа на повикот, кои покажаа како се сака сопствената држава“, порача Мисајловски.

Тој нагласи дека нивното дело, храброст и жртва никогаш нема да бидат заборавени. Според него, нивната верба во татковината треба да биде водилка за одлучно продолжување на чувањето на националните интереси.

„Нека им е вечна слава“, порача министерот по повод 25-годишнината од трагичниот настан кај Карпалак.