-Денеска официјално ја поднесовме интерпелацијата во Собранието, ја најавивме пред неколку дена, а веќе се потпишавме најголем дел на пратениците. Регуларната форма што треба е запазена и сега е на ред Талат Џафери да ја започне таа седница. Сите опозициски партии се против Џафери да остане претседател на Собранието. Но, овој пат се решивме кој сака да се потпише и е добредојден. Решивме секој кој што мисли дека треба да биде против Талат Џафери добредојден е на седницата која што ќе биде закажана и нека си го каже својот глас. Знаете зошто? Талат Џафери не не срами само нас ВМРО-ДПМНЕ, Талат Џафери ја срами цела Македонија, истакна Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Мисајловски додаде дека Талат Џафери го срами Собранието, го срами целото општество.
-Јас мислам дека треба да се одважат сите оние мали партии што се во коалицијата на СДСМ и на ДУИ. Да направат еден исчекор, бидејќи и они се згрозуваат и се згрозени од сето она што го слушаат, што го прави Талат Џафери, а поготово последниве недели можеме да видиме пцуење, обраќање со недолични зборови кон вработените. А, од друга страна се затвораат и вратите во Собранието. Има еден општ хаос, не се знае кој што работи, или не се знае која е точка на Дневен ред, појасни Мисајловски.
Мисајловски посочи дека на пример денеска имаше пет седници и се скокаа точките на Дневен ред, граѓаните не знаат која точка односно кој предлог на закон се разгледува во Собранието.
-ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието, еве им порачувам ќе бидеме таму и ќе се јавуваме постојано повеќе пратеници за да објаснуваме се на граѓаните, порача Мисајловски.
Мисајловски укажа дека доколку Талат Џафери својата интерпелација си ја стави во фиока тоа само ќе докаже колку демократија владее.
-Талат Џафери и да не ја отвори интерпелацијата ние секој ден ќе потсетуваме што тој направи, што прави и што правел. Ние сме свесни како партија дека цела пратеничка група на СДСМ, на ДУИ и на сите останати ќе го бранат Талат Џафери од петни жили, а знаеме и зошто. За да останат заедно гушнати во власта, бидејќи еден да падне од ДУИ, паѓа целата влада, рече Мисајловски.