Кина планира да ја изврши својата прва мисија со екипаж на Месечината пред 2030 година. За време на оваа вселенска мисија е предвидено двајца од тројца астронаути да слетаат директно на нејзината површина, што беше објавено на Седмиот кинески симпозиум за вселенски летови со екипаж во Пекинг.

Ванг Сјанг, заменик-главен дизајнер на кинеската програма за вселенски летови со екипаж и главен дизајнер на програмата за истражување на Месечината, изјави дека екипажот на првата кинеска мисија ќе се состои од три астронаути, од кои двајца ќе поминат одредено време на површината на Земјиниот сателит.

Целата мисија ќе се базира на моделот на средба и поврзување на апаратите во лунарната орбита. За таа намена ќе се искористат две лансирни возила од типот „Лонг Марч-10“.

Според планираното сценарио, првата ракета би испратила лунарен модул во орбитата околу Месечината, додека втората би лансирала летало со екипаж, кое потоа би се поврзало со модулот.

Двајцата астронаути би се префрлиле во лунарниот модул, кој би се одвоил од вселенското летало и би слетал на површината на Месечината, каде што ќе вршат детални научни истражувања.

На крајот од активноста, астронаутите би се вратиле во лунарната орбита со модулот, би се споиле со вселенското летало и заедно со третиот член на екипажот би се упатиле назад кон Земјата.

Според извештаите, истражувачките, развојните и градежните работи во рамките на амбициозната програма за слетување човечки екипаж напредуваат според предвидената временска динамика.