Порака за реформа по изборите за СДСМ

На телевизија Алфа, во емисијата „За или против“, вечерва гостуваше портпаролката на Влада Марија Митева. Таа истакна дека СДСМ по изборите ќе добие јасна порака за реформа. Поразот на локалните избори ќе биде показател дека е време за целосна реорганизација и реформа на партијата.

„За безидејноста која се случува во СДСМ, мислам дека поразот што ќе го доживеат на овие локални избори ќе им биде доволен сигнал. Тоа ќе покаже дека треба да се посветат на целосна реорганизација и реформирање на структурите и начинот на делување, вклучително и како опозиција“, изјави Митева.

Таа додаде дека кој и да биде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе доживее пораз.

„Кој и да биде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе ги загуби изборите. Очекуваме убедлива победа на Орце уште во првиот круг во Скопје и во другите општини. Како партија, веќе објавивме четириесетина имиња за градоначалници. До крајот на јули ќе објавиме уште кандидати, а во првата половина од август ќе го завршиме целиот процес“, додаде Митева.

На крај, таа истакна дека кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ се силни и докажани личности кои, и покрај опструкциите од СДСМ и ДУИ, реализирале многу проекти.

„Тоа се луѓе со резултати зад себе. Се посветија на работа и на реализација на програмата. Иако извршната власт од СДСМ и ДУИ ги опструираше, тие сепак успеаја да реализираат голем број проекти. Ќе понудиме вистинска промена, која значи подобар живот за граѓаните, и сум сигурна во голема победа“, рече Митева.