Градоначалникот на Кавадарци го доби ова признание за 2022 година од Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев доби титула- личност на Југоисточна Европа за економија и европеизација на Балканот за 2022 година. Оваа награда за Јанчев доаѓа од меѓународниот филмски фестивал во кој се вклучени 15 европски држави, а од минатата година за првпат се одржа и во Вашингтон, САД, во организација на неколку интернационални универзитети. Градоначалникот на Кавадарци вели дека е горд што со наградата е рамо до рамо со најуспешните од регионот – актери, културни работници, истакнати личности од областа на економијата. На овој начин се дава признание и на градот, но и на македонската историја и култура, потенцира Јанчев.

-Ми претставува огромна чест што за првпат во историјата сум прогласен за личност на Југоисточна Европа во областа на економијата и европеизацијата на Балканот за 2022. Горд сум на ова признание кое во последните 12 години се доделува во Париз и Берлин, а го имаат понесено многу видни личности. Ви благодарам на укажаната чест и посакувам оваа година да биде година на човечката надеж, изјави Јанчев.

Носител на наградата Еуропа Прима за оваа година е српскиот режисер Драган Бјелогрлиќ. Јанчев го покани него на гости, а воедно во Кавадарци да бидат прикажани победничките филмови од Париз, Берлин и Вашингтон.