Премиерот со став дека секој има право на пресумпција на невиност
Премиерот Христијан Мицкоски одби да навлегува во коментари околу обвинувањата на Блерим Беџети, по поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека постапката треба да се води пред надлежните институции.
„Не би ги коментирал неговите наводи, има место каде може тој да ја докаже својата невиност. И се надевам дека ќе ја докаже неговата невиност, не би сакал ние да бидеме во право, а тој да не биде во право. Бидејќи секој има право на пресумпција на невиност додека не биде осуден. Невиноста се докажува во судска процедура“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека за него позитивен показател е намалување на бројот на кривични пријави, особено кога се однесуваат на политички лица, потенцирајќи дека правдата мора да се спроведува исклучиво институционално.
Без емоции и политички интерпретации, порача премиерот
На прашањето дали очекува проширување на постапките кон други поранешни функционери, Мицкоски порача дека процесите не треба да се водат врз основа на емоции или политички оценки.
„Мислам дека премногу чувствителни станавме периодов, да се фокусираме на бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и напорна работа за македонските граѓани“, рече премиерот.
Реакции по кривичната пријава
Реакцијата следи по изјавите на Беџети, кој оцени дека станува збор за политички притисок и дека институциите постапуваат под влијание на политички најави, тврдејќи дека целта е негово политичко замолчување.
