Електроенергетскиот систем во земјава е стабилен и целосно функционален, со доволно ресурси за непречено снабдување со струја, изјави премиерот Христијан Мицкоски, најавувајќи можни дополнителни мерки за спречување раст на цените.
Според него, во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК Битола, додека на депониите има околу 80.000 тони јаглен во Битола и уште 160.000 тони во Кичево. Акумулациите во хидросистемот се исполнети околу 40 проценти, што, како што посочи, би било доволно за производство на електрична енергија околу еден месец дури и во услови на прекин на другите извори.
„Сè останато функционира нормално, така што електроенергетскиот систем е апсолутно стабилен“, изјави Мицкоски по владината седница.
Како главен предизвик го посочи растот на цената на мазутот, кој директно ги зголемува трошоците на државната компанија ЕСМ и индиректно влијае врз цената на електричната енергија.
Поради тоа, Владата размислува на следната седница да донесе одлука за интервенција со околу 2.000 тони мазут од државните резерви, со цел да се намалат трошоците и да се спречи евентуално поскапување на струјата.
„Не сакаме да дозволиме повисоките цени на мазутот да создадат финансиски дисбаланс во компанијата, што потоа би се префрлило врз граѓаните“, истакна премиерот.
Тој појасни дека трошоците на ЕСМ се доставуваат до Регулаторната комисија за енергетика, која врз таа основа ја утврдува крајната цена на струјата за домаќинствата.
Со најавената интервенција, Владата очекува да го задржи сегашното ниво на цените и да спречи дополнителен притисок врз семејните буџети.
„Целта е да се одржи стандардот на граѓаните и инфлацијата да остане пониска во однос на другите европски земји“, додаде Мицкоски.
