Премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов денеска го посетија ловиштето „Јасен“ каде веќе неколку дена вработените во ДЗС, припадниците на специјалните единици во МВР и Министерството за одбрана се борат со огнената стихија.
Мицкоски, како што информира владината прес-служба, констатира дека состојбата е под контрола и оти продолжува гаснењето на пожарот во ловиштето „Јасен“.
Можам да кажам дека делумно е под контрола, иако се уште во позадина дека има огромни јазици на пламен, дејствуваат и воздухопловите, дејствуваат и ер-тракторите заедно со хеликоптерите. Се надевам дека во најскоро време и овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола, иако морам да кажам дека во текот на вчерашниот ден на територијата на Македонија имавме околу 34 активни пожари, од кои 33 се изгаснати. Денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, немаме активни пожари, иако ситуацијата се менува од минута во минута, изјавил Мицкоски.
Премиерот Мицкоски изразил благодарност до сите оние кои во овој момент се справуваат, како што вели, прилично успешно со огнените стихии.