Владината коалиција останува стабилна, и покрај излегувањето на дел од Алијансата за Албанците
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека на местото на министрите од Алијанса за Албанците, крилото на Арбен Таравари, кои излегоа од владината коалиција, ќе бидат именувани нови кадри.
„На состанокот членовите на ИК на партијата во периодот кој следи ќе номинираме нови имиња кои ќе ги заменат оние кои заминаа во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ“, истакна Мицкоски.
Од „анти-ДУИ“ до „соработка со ДУИ“ – политички пресврт на Таравари
Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, со последните потези го напушта првичниот став на „борба против ДУИ“. Според политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи, ваквиот пресврт покажува политичка незрелост и креира несигурност околу владините приоритети.
„Очигледно нешто го предомислило него. Излегувањето од коалицијата ‘Вреди’ и изјавата дека ќе соработува со сите партии, па и со ДУИ, покажува дека е политички незрел. Ако продолжи во Владата, а потоа по локалните избори коалицира со ДУИ, тоа ќе биде спротивно на целите на Владата“, вели Фаризи.
Тој го споменува и спорот околу Клинички центар и ангажманот на албанската компанија „Ѓока Констракшн“ како можни причини за повлекувањето на Таравари.
Стабилна владината коалиција
Мицкоски увери дека Владата е стабилна и посветена на реформите и покрај политичките турбуленции со Арбен Таравари. Коалицијата „Твоја Македонија“ ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а партнери се коалицијата „Вреди“ и „ЗНАМ – За наша Македонија“, со вкупно 24 министри.
Клучниот соработник на Таравари одбива соработка со ДУИ: Каде оди партијата?
Алијанса за Албанците, во актуелниот состав, има две министерски позиции – за здравство и добро владеење. Засега не е јасно дали тие места ќе бидат прераспределени или пополнети со нови кадри. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека наскоро ќе предложат нови имиња.