Премиерот Христијан Мицкоски  изјави дека по извршените контроли, голем дел од дискотеките  не ги исполнуваат основните технички услови. Според него, овие локали ќе се соочат со забрани за вршење на дејност доколку не ги исправат недостатоците.

Во интервју за ТВ Сител, Мицкоски нагласи дека овој проблем е најголемата пречка за безбедноста во угостителскиот сектор.  Владата ќе продолжи со контроли. Со  претседателот на ЗЕЛС веќе е разговарано за итни контроли на локалите кои се под општинска надлежност.

Мицкоски: Ќе одиме до крај, секој одговорен ќе одговара без разлика на партија

 

„Комуналните инспектори ќе излезат на терен, ќе ги проверат настрешниците и терасите. Нема назад, тргнавме. Или ќе победи таа мафија која со децении трае, или ќе победат народот и државата. Ние сме на страната на народот и државата и одиме до крај. Ќе добијат решителност“, изјави премиерот Мицкоски.

Оваа одлука е дел од пошироките напори на Владата да се справи со нелегалните и опасни практики во угостителската индустрија, која како што посочи Мицкоски, мора да ги задоволува сите стандарди за безбедност и хигиена.