Мицкоски: Македонскиот идентитет се брише на „талибански начин“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата остро реагираше на информациите објавени во бугарските медиуми, според кои трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на земјава. Тој наведе дека станува збор за „талибански начин на бришење“ на македонските обележја од официјалните европски документи.
Европските политички сили без „македонски јазик“ во извештајот
Според информациите на бугарската новинска агенција БГНЕС, Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и групата Обнова се согласиле да ги отстранат овие термини од извештајот кој ќе се гласа на 8 јули. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја потврди оваа информација и на својата страница на Фејсбук. Целосната изјава на Ковачев погледнете ја во продолжение:
Мицкоски потсети дека ваквиот исход бил предупредуван уште претходно. Отстранувањето на термините е подеднакво проблематично како и употребата на изразот „модерен македонски јазик“. Според него, иако тие термини беа кратко присутни во Комитетот за надворешни работи, тоа сепак останува забележано како момент на признавање.
„Уставот не е проблемот, туку политичката наивност“
Премиерот истакна дека оваа ситуација уште еднаш покажува оти проблемот не е внесувањето неколку стотици Бугари во Уставот, туку дека суштината на прашањето е многу подлабока. Тој ги повика сите што уверувале дека промената на Уставот ќе ги реши проблемите да им се извинат на граѓаните.
„Оние што тврдеа дека со уставни измени завршува сè, треба да излезат пред граѓаните и да признаат дека не ја говореа вистината или немаат поим од водење политика“, заврши Мицкоски.
Извор: Курир