Денес започна нова фаза од мерката за самовработување, со која граѓаните добиваат шанса да започнат сопствен бизнис и да ја преземат иднината во свои раце, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Ова е важен ден и важен чекор за корисниците на мерката, да станат самостојни и да создадат нови бизниси. Силно веруваме дека економијата расте кога граѓаните имаат поддршка да иновираат и стануваат претприемачи“, истакна Мицкоски.
Според него, оваа година е регистриран најголем интерес досега пристигнати се над 6.000 апликации, а до моментот се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, од кои 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како ДОО. Во моментот, 2.545 лица се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневна обука за успешен старт на бизнисите.
„Финансиската поддршка е рекордна: 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО, и 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра за здружени. Ова се нови можности за развој, ИТ-стартапи, занаетчиски работилници и услуги што го зајакнуваат целокупниот економски систем“, додаде премиерот.
Мерката е дел од Оперативниот план за 2025 година со вкупна вредност од над 2,5 милијарди денари, што е рекорден износ на поддршка, а ќе бидат опфатени 16.507 лица најголем број досега. Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот и прераспредување на дополнителни 300 милиони денари, со цел ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса.
„Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им дава на секој со добра идеја можност да ја претвори во успешна економска приказна. Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата“, нагласи Мицкоски.
Претприемачите се двигатели на економскиот развој, а Владата, како што подвлече премиерот, ќе ги поддржува на секој чекор и ќе создава фер, стабилна и мотивирачка економска средина.
