Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека лицата кои работеле во странство нема да плаќаат данок во Македонија доколку докажат дека компанијата преку која биле ангажирани веќе платила данок во земјата каде што работеле. Тој ова го појасни по реакциите за известувањата од УЈП до граѓани кои работеле надвор од државата.
– Сакам неколку работи да појаснам. Не станува збор за ретроактивен данок. Ова е закон кој што го донела претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а УЈП бидејќи законскиот рок пред да застарат тие решенија на крајот на минатата година мораше да се обрати до лицата, како и сите граѓани во земјата, така и тие да го платат данокот којшто треба да го платат во државата. Ако тоа не го направеше УЈП тогаш ќе дојдеше некоја Влада после нас или можеби оваа Влада и ќе бараше кривична одговорност за УЈП односно за директорката дека го оштетила Буџетот. УЈП само поднесе известување до лицата дека треба во одреден рок да си ја подмират таа обврска. Имавме состанок кај мене во кабинетот, разговаравме со лица кои биле на различни делови во светот и донесовме заклучок тие да докажат дека фирмите коишто нив ги ангажирале платиле данок во земјата или земјите каде што биле ангажирани. И на тој начин УЈП нема да го наплати тој данок – рече Мицкоски.
Тој изјавата ја даде при увид во работите на автопатот Гостивар – Букојчани, заедно со министерот за транспорт Александар Николоски, заменик-амбасадорката на САД Никол Варнс и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
