Став за правосудниот систем

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не поддржува двојазичност или повеќејазичност во правосудството и дека системот мора да функционира со единствена правна основа.

„Никогаш нема да поддржам двојазичност или повеќејазичност во правосудството. Се знае, мора да имаме еден закон, тоа е македонскиот закон, за да обезбедиме владеење на правото. Да, ќе сториме сè да изнајдеме решение, кандидатите кои сакаат да полагаат правосуден испит на својот јазик, во случајов албански, а по можност и на другите јазици, тоа да го прават, но притоа да имаме еднаков критериум во оценувањето. И стојам на тој став од првиот ден до денеска“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека правосудството мора да биде на еден јазик. „Правосудството мора да биде на еден јазик, а тоа е македонскиот и тука мора да заврши таа дискусија“, нагласи премиерот.

Податоци за испитите и дискриминација

Мицкоски изнесе податоци за бројот на кандидати и резултатите од полагањето.

„Од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци, не положиле 27, од кои девет повторно се пријавиле и сите положиле. Процентот на положени кандидати Албанци е 95,75 проценти согласно актуелната методологија, што значи дека не можеме да зборуваме за дискриминација. Јас немам против и стојам на ставот секој да може полага на својот мајчин јазик“, рече тој.

Премиерот се повика и на мислење од Венецијанската комисија.

„Венецијанската комисија многу јасно и прецизно кажа во своето мислење за Законот за јазиците, вели – „во правосудството да се напушти двојазичноста и да се вратите на законот од 2008 – 2009 година“. Не се добар пример Белгија, Швајцарија, тоа се конфедерации, федерации, ние зборуваме за унитарни држави и нема втор пример“, рече Мицкоски.

Закон за јазици и работна група

Мицкоски информираше дека се работи на можно решение преку експертска група.

„Има комисија, тим од уставно-правни експерти што работи на оваа проблематика. Се надевам дека ќе излезат со решение. Не би ги спомнувал имињата, бидејќи тоа е работна група за изнаоѓање решение. Се надевам дека ќе излезат со решение што ќе можеме сите заедно да го изгласаме“, истакна тој.

Тој додаде дека постојат и правни дилеми околу законската усогласеност.

„Како со генерален закон ќе хармонизирате специјален закон? Како со Lex Generalis ќе хармонизирате Lex Specialis? Не сум правник, ќе ми објасните. Освен ако тоа не го направат пратениците во Парламентот. Второ е прашањето зошто тие закони не биле хармонизирани тогаш“, подвлече Мицкоски.