Премиерот Христијан Мицкоски очекува македонската економија да продолжи да расте и 2026 година да ја заврши со реален раст на бруто-домашниот производ меѓу 3,5 и 4 отсто. Како охрабрувачки ги оцени првичните податоци за индустриското производство, туризмот и градежништвото во третиот квартал.
Во гостувањето во дневникот на МТВ, Мицкоски изјави дека, по силното економско придвижување во вториот квартал, очекува раст од 3,5 до 4 отсто и во преостанатите два квартала од годината.
„Првите параметри кои излегуваат за првиот месец од третиот квартал, како што се индустриското производство, туризмот и градежништвото, се охрабрувачки дека може да имаме силен трет квартал“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека треба да се почекаат податоците за следните месеци, но очекува позитивниот тренд да продолжи до крајот на годината.
„Очекувам 2026 година да ја завршиме со реален раст меѓу 3,5 и 4 проценти, со што во континуитет ќе продолжиме да растеме на реална основа, а номинално растот да биде над 8 проценти“, изјави премиерот.
Според Мицкоски, номиналниот бруто-домашен производ на земјата веќе достигнува 22 милијарди долари, односно 12.000 долари по жител.
„Нешто што за нас претставуваше цел на крајот на мандатот, еве, го постигнуваме на нешто повеќе од половина од мандатот“, рече тој.
Како потврда за економските политики на Владата, Мицкоски го посочи и потврдениот кредитен рејтинг од агенцијата „Фич“.
Тој истовремено упати обвинувања кон опозицијата, тврдејќи дека таа посакува државата да банкротира бидејќи, како што рече, знае во какви долгови и хаос ја оставила.
„Тие секоја вечер легнуваат и се молат нешто лошо да ѝ се случи на државата. Но, за нивна жал, а за среќа на државата и на граѓаните, тоа не се случува, одиме напред“, изјави Мицкоски.
Премиерот призна дека состојбата не е совршена и дека постојат проблеми, но оцени дека Владата работи на нивно решавање, особено по она што го нарече „катастрофа што ја наследивме“.
„Факт е дека се живее подобро отколку пред три години, а ќе сториме сè да се живее подобро и по три години отсега“, истакна Мицкоски.
