Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одржа прес-конференција на кој информира дека одржале важен состанок со Советот за странски инвестиции, тело составено од преставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат кај нас и кои со години ги следат економските политики во земјава.

-Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците но и за потенцијалите што ги нудиме. Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме. Затекнавме една една тешка слика и реалност која ја менуваме. Денес имаме економија која расте, индустрија која произведува и извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса да се тука дома во Македонија, изјави премиерот Мицкоски.

Тој потенцира дека реалниот раст на БДП во првиот квартал од 2025 година е 3,2% и дека тоа не е случајност и дека е резултат на стабилни политики и вредна работа.

-Во периодот јануари- мај, извозот е зголемен за 3,15 проценти, додека увозот бележи раст од само 1 процент. Тоа е знак дека стануваме поконкурентни, дека произведуваме повеќе и пласираме повеќе на странските пазари;

– Индустриското производство во мај порасна за 9,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Сè повеќе фабрики работат, сè повеќе линии се пуштаат, сè повеќе работници се враќаат во производните погони;

– Трговскиот дефицит е намален за 80тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал, тука зборуваме за месеците Април и Мај, што е намалување за 13 проценти споредено за истиот период од минатата година;

– И, конечно минатата година имавме странски инвестиции кои што имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра.

Ова е поинаква слика од онаа која ја затекнавме. Некогашната влада не се бореше за инвестиции- се бореше за провизии. Не им отвораа врати на инвеститорите- ги бркаа. Не градеа доверба- градеа шеми за лично профитирање. Резултатот беше економски застој, изгубени шанси и осиромашени граѓани, потенцира Мицкоски.