Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, се обрати на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

-Идниот меѓународен поредок нема да се обликува само на боиштата или во дипломатските сали. Ќе се обликува и во лабораториите. Во училиштата. Во фабриките. Во енергетските мрежи. Во дата центрите. И во способноста на општествата да ги разберат промените што ги носи технологијата. Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста. Денес светот повторно ја препознава вредноста на отпорноста. На сигурната енергија. На инфраструктурата. На разновидните транспортни правци. На блиските и доверливи синџири на снабдување. За нас, интензивниот развој на коридорите VIII и X е дел од поширока европска визија: подобро да се поврзат Јадранското, Црното и Егејското Море со Централна Европа; на стоките, енергијата и луѓето да им се обезбедат повеќе патишта и подобра поврзаност; и регионот да стане инфраструктурно поврзан, наместо да остане на геополитичката периферија. Нашата географија не мора да биде наша судбина. Таа може да стане наша предност ако ги изградиме институциите и инфраструктурата што ќе ја претворат нашата географска положба во поврзаност, рече Мицкоски.

Посочи дека истовремено, мора поинаку да пристапиме и кон миграцијата.

-Миграцијата започнува таму каде што нема безбедност, вработување, образование, пристап до вода, перспектива или верба дека утрешниот ден ќе биде подобар од денешниот. Таа не е само прашање на граници. Одговорната политика мора да ги поврзе безбедноста, човечкото достоинство, развојот и реалните потреби на пазарите на трудот. И климатската политика ќе мора посилно да се потпира на реалноста. Зелената транзиција е неопходна. Но ако ја направиме социјално неодржлива, ќе ја изгубиме политичката поддршка потребна за нејзино спроведување. Ако ја направиме технолошки зависна од мал број извори, ќе создадеме нови предизвици додека ги решаваме старите. Ако очекуваме посиромашните земји да се движат со исто темпо, без да им обезбедиме еднаков пристап до капитал и технологија, ќе создадеме неправда наместо транзиција. Затоа идната климатска политика мора истовремено да биде и еколошка, и економска, и социјална политика, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер зборуваше и за довербата.

-Господине претседателе, сето ова нѐ враќа на централната тема на ова заседание: довербата. Довербата не е чувство што може да се создаде со усвојување резолуција. Таа е резултат. Се гради кога институцијата ја исполнува целта за која е основана. Затоа реформата на Обединетите нации е неопходна. За Организацијата да стане поспособна. За да постигнува подобри резултати. И секако, не за да ја замени одговорноста на националните држави, туку за да дејствува таму каде што е потребно заедничко дејствување. Мултилатерализмот не започнува во Њујорк. Тој започнува со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк, порача премиерот.