Поранешниот главен даночен инспектор Душко Вуксановиќ поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал во Србија против Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ и раководители на државната компанија „Телеком Србија“. Пријавата е поднесена поради основани сомневања дека со нивните постапки му била нанесена огромна материјална штета на претпријатието и на јавниот интерес во износ поголем од 1,2 милијарди евра.

Покрај Вучиќ и Брнабиќ, во пријавата се опфатени и поранешниот директор на „Телеком Србија“, Предраг Ќулибрк, како и актуелниот директор Владимир Лучиќ. Вуксановиќ ги посочува Вучиќ и Брнабиќ како организатори и поврзани лица, додека двајцата директори се наведени како непосредни извршители на спорните активности. Со кривичната пријава се опфатени и претставници на други приватни компании, како и засега неидентификувани лица.

Според наводите на подносителот на пријавата, во периодот од 2018 до 2026 година бил спроведуван план со кој постепено и системски била ослабувана финансиската состојба на државниот телекомуникациски оператор преку сомнителни зделки.

Вуксановиќ тврди дека преку договори за услуги што биле драстично преплатени настанала директна договорна штета од 780,7 милиони евра. Дополнително, според неговите пресметки, работењето на компанијата создало оперативна загуба од 437 милиони евра, со што вкупната сума надминува 1,2 милијарди евра.

„Материјалните докази укажуваат на постоење основи за сомневање дека во периодот од 2018 до 2026 година бил спроведуван систематски и повеќегодишен криминален план“, наведува Вуксановиќ.

Тој смета дека во постапките на пријавените постојат основи за сомневање за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба, тргување со влијание, перење пари, измама во стопанското работење и проневера.

Во пријавата се отвора и прашањето за можно намерно економско ослабување на „Телеком Србија“, компанија што претставува критична инфраструктура на земјата. Дополнително, се истакнуваат сомневања за користење на јавни средства за директно нарушување на медиумскиот плурализам и здружување за противуставна дејност.