Во Владата попладнево се одржа средба на премиерот Христијан Мицкоски со лидерите на коалицијата „Вреди“ Биљал Касами, Изет Меџити и Зеќирја Ибрахими.

Средбата, според информациите од Владата, поминала во конструктивна амтосфера, пријателски и партнерски дух. Се разговарало за сите реформски прашања. За борбата против криминалот и промените во системот што го оставиле СДСМ и ДУИ. Од Владата информираат дека разговорите продолжуваат.

Средбата претходно денеска ја најави и лидерот на Движењето „Беса“, Биљал Касами. Тој  во изјава за медиумите рече дека заедно со Изет Меџити и Зеќирја Ибрахими вечерва ќе имаат средба со премиерот.

– Како коалиција ВЛЕН ќе инсистираме до крај секој што соработува со ДУИ во овие околности кога таа партија е на црните листи и треба да даде отчет за корупцијата на нејзините високи функционери, не може да биде прифатлив. Вечерва имаме средба со премиерот на која веруваме дека ќе ги разјасниме овие околности. Повторно велам дека тоа не е прифатливо, а тоа го кажа и премиерот, дека не може да се соработува со опозициска партија, во овој случај со ДУИ и истовремено да се остане во Владата. Со премиерот треба да ја разјасниме оваа ситуација, став што досега сме го имале заеднички во однос на продолжувањето на останувањето во Владата, рече Касами.

Премиерот Мицкоски оствари средба и со лидерот на едното крило на Алијанса на Албанците Арбен Таравари. Средбата заврши без епилог, но од Владата за медиумите соопштија дека поминала во конструктивен дух. Разговорите продолжуваат и во текот на месецов ќе се знае иднината за функционирањето на АА. Премиерот Мицкоски на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции.

Разговорите продолжуваат: Заврши средбата Мицкоски-Таравари

Премиерот претходно вчера изјави дека Таравари има две опции да биде во Владата – за реформи и промени или да биде со оние кои две децении ја криминализираа државата. Таравари изјави дека нема договор со ДУИ, и дека кога ќе има, нема да претендира да биде повеќе дел од Владата.

Извор: Курир