Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа учествуваше на втората министерска средба за вода на Унијата за Медитеранот (UfM) во Рим, каде што ја истакна потребата од силна регионална соработка во услови на сериозни климатски предизвици.
На собирот, кој ги обединува земјите од евро-медитеранскиот регион, Хоџа нагласи дека сушите, поплавите и загадувањето бараат заедничка акција и координиран пристап во прекуграничните речни басени бидејќи заедничката вода подразбира и заедничка одговорност.

Во своето обраќање министерот Хоџа се осврна на значењето на интегрираниот пристап, кој го поврзува секторот за води со енергетиката, земјоделството и заштитата на животната средина. Посочи дека водните ресурси не може да се третираат изолирано и дека современиот развој се потпира на дигитализација. Како што рече, преку процесот на евроинтеграции националните политики посветено се усогласуваат со европските стандарди, со посебен акцент на подобрување на третманот на отпадните води и градење климатска отпорност.
Во рамките на ова министерот Хоџа нагласи дека остварувањето на овие цели бара значајни инвестиции, одржливо финансирање и силна мобилизација на домашните и меѓународните ресурси.

Министерот изрази целосна поддршка за министерската Декларација за вода и за Римската иницијатива порачувајќи дека постои целосна подготвеност за активно партнерство со сите земји од регионот, со цел стратешките обврски да се претворат во конкретни проекти за одржлива иднина.
