Македонската државност е заедничка одговорност на сите нејзини граѓани. Често размислувам за тоа како ќе нè оценуваат генерациите по нас. Што ќе видат зад фотографиите од свеченостите и зад зборовите изговорени на празниците? Дали ќе препознаат луѓе кои имале храброст да решаваат проблеми, да се спротивстават на неправдата и да го стават општото добро пред личната удобност?Тој одговор го пишуваме сега, со секоја одлука, кажа на крајот од својот говор премиерот Христијан Мицкоски по повод свеченото одбележување на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во Македонскиот народен театар,
„Нашите претходници ја преземале одговорноста во услови кога слободата изгледала далечна. Ние денес имаме држава, институции и можност да направиме многу повеќе. Од нас се очекува да ја искористиме таа можност чесно и разумно.Тоа би било најдлабокото признание за оние што ја започнаа борбата.Нивниот сон денес е во наши раце. Да го носиме со почит, да го продолжиме со работа и да им го предадеме на нашите деца како посилна, поправедна и подостоинствена држава. И кога вечерва ќе се вратиме дома, да ги погледнеме нашите деца. Во нивните очи е најважното прашање на кое сме должни да одговориме: каква земја ќе ни оставите?Нашиот одговор мора да се гледа во животот што го градиме. Во правдата што важи за секого. Во трудот од кој чесно се живее. Во шансата секое дете да стигне онолку далеку колку што му досега сонот — и да посака својот сон да го оствари овде, во Македонија, изјави Мицкоски.
Зашто слободата што ја наследивме носи одговорност. Некој пред нас верувал во оваа земја кога таа постоела само како сон. Некој го дал највредното што го имал за ние денес слободно да го изговориме нејзиното име. Сега е нашиот ред да покажеме колку вреди таа жртва. Нашиот ред да изградиме држава во која човекот ќе има достоинство, младите ќе имаат надеж, а родителите ќе имаат спокој, рече тој.
Сакам еден ден нашите деца да можат да кажат: „Нашите родители веруваа во Македонија. Останаа исправени кога беше тешко. И ни оставија земја во која вреди да се живее.“ Тоа ќе биде нашиот најголем успех. Тоа ќе биде нашиот одговор пред историјата. Затоа, да се исправиме пред одговорноста на нашето време! Со сета сила што ја имаме, со сета љубов што ја носиме, да ја направиме оваа земја достојна за соништата на нашите деца! Ова е нашиот дом. Ова е нашето време. Ова е нашата одговорност. Свои на своето — денес и за сите што доаѓаат по нас! Нека е вечен споменот на македонските револуционери. Нека ни е честит 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба. Да живее Македонија!, кажа на крајот од својот говор премиерот Мицкоски.
