Стратешка инвестиција во високото образование и иднината на младите
Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на свеченото поставување на камен-темелникот на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, истакнувајќи дека овој проект е многу повеќе од обична градба и претставува темел на иднината на образованието и развојот на младите.
„Со започнувањето на изградбата на новиот модерен кампус ја потврдуваме нашата цврста определба да инвестираме во знаење, во младите и во развојот на високото образование“, истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека проектот е стратешка инвестиција во иднината на државата, создавајќи современи услови за образование, научна работа и академски развој.
„Владата обезбеди вкупно 42 милиони евра, од кои 40 милиони се наменети за изградбата, а 2 милиони за надзор на градбата, со цел целиот процес да се реализира професионално, квалитетно и транспарентно“, додаде Мицкоски.
Новиот кампус ќе се протега на површина од 31.000 метри квадратни и ќе вклучува современи објекти, амфитеатри, студентски простории, спортски сали, базен и инфраструктура прилагодена на потребите на современото високо образование.
„Овој комплекс ќе им овозможи на студентите и на академската заедница услови за квалитетно учење и истражување“, подвлече премиерот.
