Премиерот Христијан Мицкоски утрово упати честитки до граѓаните за Велигден.

-Драги пријатели, во овие светли денови на Христовото Воскресение – Велигден, дозволете ми од срце да ви упатам искрени честитки за здравје, мир и благосостојба во секој дом.

Велигден не е само празник на верата, туку и симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата. Тој нè потсетува дека по секоја темнина доаѓа светлина, по секој предизвик – нов почеток, а по секоја жртва – заслужена надеж.

Свесен сум дека постојат неизвесности и предизвици, но нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите.

Во духот на овој голем празник, сакам да испратам порака на единство. Само заедно, со меѓусебна почит и разбирање, можеме да ја градиме државата каква што ја заслужуваме стабилна, праведна и напредна. Држава во која трудот се вреднува, а иднината се гради врз темели на доверба и одговорност.

Нека празничните денови ви донесат спокој, топлина и сила да продолжиме напред, посилни, пообединети и со јасна визија за иднината.

Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!, напиша премиерот Мицкоски.