Премиерот вели дека Владата ги решава предизвиците еден по еден и побара трпение од граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека блокадата на акцискиот план за малцинства од страна на Бугарија е дел од политика што, според него, трае со децении, а не е појава од поново време.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на новата фабрика на „Макпрогрес“ во Виница, Мицкоски рече дека причините за блокадата треба да се побараат од бугарска страна, но оцени дека претходните политички елити во Македонија не успеале навреме да ја препознаат таквата политика.

„Не знам. Тоа прашање ќе треба ним да им го поставите затоа што, претпоставувам, таа политика трае со децении. Не е тоа политика што е од денес почната, за жал, некои претходни политички елити кај нас тоа не успеаја да го препознаат и беа кратковиди и, претпоставувам, лекомислени или се водеа од личните интереси мислејќи дека ако потпишат бел лист хартија, сите проблеми ќе бидат решени“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека последиците од таквите одлуки денес создаваат проблеми што државата мора да ги надминува.

„Тоа така не оди во реалниот свет и во реалната политика. За жал, направија големи проблеми и ќе треба овие проблеми да ги решаваме и ги решаваме еден по еден. Но, ќе се бориме, впрочем тоа е нашата задача, да се бориме“, рече премиерот.

Побара трпение и порача дека Владата ќе продолжи да се бори

Мицкоски нагласи дека решавањето на ваквите прашања бара време и упорност, посочувајќи дека ништо не доаѓа лесно.

„Ништо во животот не доаѓа бргу и лесно, за сè треба да се изборите и да победите. Сме покажале дека знаеме да победуваме, ќе победиме и овој пат, само замолувам за трпение“, истакна тој.

Премиерот завчера соопшти дека акцискиот план за малцинства е подготвен и усогласен со експерт од Европската комисија, како и дека неофицијално добил поддршка од 26 земји членки на Европската Унија.

Според неговите информации, единствено една земја членка се противи на документот, а истовремено ја блокира и македонската вклученост во иницијативата „Трите мориња“.