Премиерот Христијан Мицкоски силно го осуди палењето на дипломатските возила пред бугарската амбасада во Скопје, оценувајќи го случајот како кривично-правен настан. Тој изјави дека лицето осомничено за инцидентот е обезбедено и дека во моментов трае распит со цел да се утврдат мотивите.
„Би се воздржал од коментари. Лицето признало, се врши разговор и очекувам да дознаеме повеќе од распитот“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со бугарската страна и дека ставот на Владата, на министерот за надворешни работи и неговиот личен став е јасен.
„За нас е важно што го инспирирало лицето“, рече Мицкоски, додавајќи дека осомничениот бил фатен за помалку од три часа.
