СВР Скопје брзо го расчисти случајот со денешниот пожар на две возила на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, при што е идентификуван и лишен од слобода сторителот.
Како што информираат од полицијата, веднаш по пријавата пристигната на 15.06.2026 година во 12:13 часот, биле преземени интензивни мерки и активности за откривање на лицето што го подметнало пожарот.
Во краток временски период, полицијата идентификувала и пронашла 44-годишен скопјанец со иницијали И.Д., за кој постои основано сомнение дека го извршил делото. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица.
При преземените оперативни активности и претрес, полициските службеници ја пронашле и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото, која ќе биде предмет на вештачење.
Од СВР Скопје посочуваат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка.
