Со средно стручно образование од техничките области се стигнува и до високи менаџерски позиции, тоа се случува и во Германија кај кадри кои немаат завршено технички факултети, вели генералниот менаџер на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, во вечерашната дебата на „360 степени“ на тема за предностите на стручното образование.
„Ова е нормална пракса посебно во Германија и во сите германски компании. Таму, во најголем број и од инженерите почнале со средно стручно образование и некои од нив стигнуваат и на високи менаџерски позиции дури и да немаат завршено технички факултети“, вели Мизо.
Тој појаснува дека практичното знаење што на средношколците сега им се нуди преку соработките на Министерството за образование, односно со средните стручни училишта и компаниите во земјава, се шанса за младите да изберат професија со која ќе може достоинствено да живеат и да напредуваат во кариерата.
„Некој што се образувал во овие средни стручни училишта и потоа стекнал искуство и знаење како механичар, мехатроничар, експерт на ЦНЦ-машини, може да стигне до висока позиција без факултет, бидејќи тој веќе има длабинско практично знаење“, додава Мизо.