Сите политички партии си го кажаа своето мислење и точката за уставни измени треба да се стави на гласање. Што ќе измислуваат понатака, вонредна состојба за да пролонгираат? Сега се потребни само избори, за да се фокусираме на реформите и промените во државата, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за „За или против“ на Алфа.

Таа истакна дека една од причините поради кои потфрлија СДС и ДУИ затоа што немаа консензус по ова прашање и не го прашаа ниту народот ниту опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ алармира дека ова не треба да се случува на ваков начин и не треба да се доведуваме до ќорсокак. Немаат консензус од самиот почеток, беа глуви кон опозицијата, кон народот, како да не отвораат прозори и врати, како да не излегуваат по улици, како д ане одат на пазар да чујат граѓаните што зборуваат и сега се чудат зошто немаат двотретинско мнозинство, потенцираше Мизрахи.

Таа нагласи сега на СДС и ДУИ целта им е само да се држат до грнето, до буџетот кој го испокрадоа и државата која ја разурнаа во целост.

– Единственото кое сега се очекува е да има избори заради тоа што се знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт и тоа е нивната болка. Добро го знаат и кривичниот законик каде кривични дела против државата стои велепредавство каде стои дека кој со употреба на сила или закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Македонија ќе се казни со затвор најмалку 5 години. Како и тоа дека ако некој ја доведе Македонија во потчинетост на друга држава ќе се казни со затвор од најмалку 5 години, рече Мизрахи.

Во однос на изјавата на Маричиќ дека ќе се повикувале на разговор сите пратеници таа потенцираше дека малку ги измешале работите, бидејќи тој одговара пред пратениците, а не обратно.

– Законодавниот дом, пратениците можат да го свикаат Маричиќ и треба да го свикаат за да објасни што се направил овие 7 години. Ова не е монархија. Самиот концепт и сите наративи кои ги користеа досега им паднаа во вода. Сите овие медиумски настапи се како пердуви кои се развејуваат за да побудат сомнеж. Гласањето во петокот е конечно е непроменливо, ставот е конечен и непроменлив, изјави Мизрахи.

Мизрахи додаде дека дебаклот на власта се случи пред година ипол кога стана повеќе од јасно дека 2/3 мнозинство нема да има во парламентот за да се изгласаат тие уставни измени.

„Се случи и тој петок, сите оние кои што се пријавија за збор имаа можност да расправаат, вкупно беа присутни 119 пратеници, а 70 гласаа ЗА, а 47 ПРОТИВ, и двајца не гласале итн. И се прекршија два члена од Деловникот тоа се членовите 81 и 95. Требаше точката веднаш да се стави на гласање поради тоа што имаше мнозинство на присутни. Членот 81 вели – Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство на пратеници. А, тоа не беше случај бидејќи имаше мнозинство на пратеници во однос на одлучување“, појасни пратеничката Мизрахи.

Таа посочи дека во членот 95 се вели дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број на пратеници. И тоа докажува дека условите во петокот беа исполнети за гласање но сепак Џафери не дозволи да се гласа.

„Согласно процедурата точката требаше да биде ставена на гласање. Но, се докажа дека власта немаше 2/3 мнозинство“, појасни таа.

Таа рече дека власта со цел да купи време сега ја одолговлекува приказната со уставни измени.