Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупредува дека предложениот економски пакет „евромодел“ во Црна Гора може да предизвика сериозни економски последици, и покрај очекуваното краткорочно забрзување на растот. Според оценката на Фондот, мерките би можеле значително да ја зголемат инфлацијата, буџетскиот дефицит и јавниот долг, а истовремено да ја ослабат конкурентноста на домашната економија, објавија локалните медиуми.
Според предложениот „евромодел“, од 1 јануари 2027 година, Црна Гора планира целосно да ги укине придонесите за пензиско осигурување и да ги зголеми минималните нето плати на износ од 1.000 до 1.400 евра, во зависност од нивото на образование потребно за работното место. Станува збор за голема економска реформа предложена од владата на премиерот Милојко Спајиќ.
Според прелиминарната анализа на ММФ, имплементацијата на предложениот модел би можела да ја зголеми просечната инфлација на околу девет проценти во 2027 година, од 4,5 проценти во 2026 година, при што таа би останала над три проценти до 2030 година.
Во исто време, буџетскиот дефицит би можел да се зголеми од проектираните 3,9 проценти од БДП во 2026 година на околу девет проценти следната година, додека бруто јавниот долг би достигнал околу 72 проценти од БДП до 2029 година и би продолжил да расте.
