Македонската економија годинава ќе оствари раст од 4 отсто предвидува Меѓународниот монетарен фонд во најновиот Светски економски преглед објавен за време на Годишните средби на ММФ и Светска банка. За наредната година според проекциите на ММФ македонскиот БДП ќе оствари раст од 4,2 отсто, а во 2026 година тој ќе изнесува 3,6 отсто. Инфлацијата во Македонија годинава ќе биде 3,1 отсто, а во 2022 година ќе изнесува 2,2 отсто.

Ова доаѓа откако лани економијата во нашата земја оствари пад од 4,5 отсто поради последиците од пандемијата со Ковид -19.

Како што покажуваат прогнозите на ММФ, од земјите во регионот, најголем раст годинава се прогнозира за Црна Гора од 7 отсто, Србија 6,5 отсто и Хрватска 6,3 отсто. Висок раст се предвидува и за Косово од 6 отсто.

За Албанија се предвидува раст на БДП од 5,3 отсто, за БиХ 2,8 отсто, а за Бугарија 4,5 отсто.

ММФ во најновиот Светски економски преглед вели дека глобалното закрепнување продолжува, но моментумот ослабна и неизвесноста се зголеми.

„Глобалното економско закрепнување продолжува, дури и кога се пандемијата повторно засилува“, се констатира во извештајот при што се додава дека пристапот до вакцина и раната поддршка на политиките се главните двигатели.

Според ММФ, се предвидува глобалната економија да порасне 5,9 проценти во 2021 година и 4,9 проценти во 2022 година, 0,1 процентен поен пониско отколку во јулската прогноза.

Надолната ревизија за 2021 година го одразува намалувањето за напредните економии-делумно поради прекини во снабдувањето – и за земјите во развој со ниски приходи, главно поради влошување на динамиката на пандемијата.

 

Ова делумно се надоместува со посилни краткорочни перспективи меѓу некои пазари во развој кои извезуваат суровини и за економиите во развој. Брзото ширење на делта варијантата и заканата од нови варијанти ја зголемија неизвесноста за тоа колку брзо може да се надмине пандемијата. Изборите на политиките стана потежок, со ограничен простор за маневрирање, констатира ММФ во најновиот Светски економски преглед.