Меѓународниот монетарен фонд ја оцени како стабилна и отпорна состојбата во банкарскиот сектор и ја истакна економската издржливост на земјата, но предупреди на ризици поврзани со глобалните случувања.
Во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV, се наведува дека Народната банка постигнала напредок во монетарната политика и институционалната рамка, што придонесува за поголема ефикасност и флексибилност.
Домашната економија, според оценките, покажува отпорност преку солиден раст и постепено забавување на инфлацијата. Сепак, како потенцијални ризици се посочуваат продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата, кои би можеле негативно да влијаат врз економијата.
Поради овие неизвесности, ММФ препорачува натамошно претпазливо водење на монетарната политика.
Во извештајот се оценува дека финансискиот систем останува стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки, како и ниско ниво на нефункционални кредити. Стрес-тестовите покажуваат дека системските ризици се ограничени и под контрола, а мерките во макропрудентната политика се соодветни.
Се поздравува и напредокот во усогласувањето на регулативата со европските стандарди, што треба дополнително да ја зајакне супервизијата, решавањето банки и финансиската стабилност.
Од Народната банка посочуваат дека ќе продолжат со политики насочени кон одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и кон унапредување на инструментите во согласност со меѓународните практики.
