Во рамки на иницијативата „Мобилен кабинет“, министерот за здравство ја посети болницата во Гостивар и најави нови вложувања
Министерот за здравство Азир Алиу ја продолжи иницијативата „Мобилен кабинет“ со денешната посета на Општата болница во Гостивар. Во своето обраќање тој информираше дека се работи на континуирано вложување во медицински кадар и инфраструктурни проекти во здравствениот систем.
„Ние како Министерство дефинитивно работиме да се постигнат стандардите во инфраструктурата на здравствените установи да бидат компатибилни со европските стандарди. Состојбата на терен покажува дека има недостиг од медицинска опрема, слаба инфраструктура и персонал. Тоа е последица на лошата политика која се водела во овој ресор. Здравството е таков систем кој мора да предвидува, а не само да креира политики. Предвидувањата треба да бидат на рок од над десет години. Неопходни се и навремени планирања на кадарот. Со оглед дека за обука лекар супспецијалист потребни се минимум 15 години“, изјави министерот Алиу.
Болницата во Гостивар е зајакната со 12 приватни специјализанти и двајца специјалисти по гинекологија. Оваа година на специјализација се испратени уште осум доктори.
Министерот додаде дека се очекува вработување на 37 лица во сите медицински и технички дејности. Ќе биде реализирано по завршување на локалните избори. Тој нагласи дека, доколку во периодот на предизборие кога не се дозволени вработувања во јавниот сектор се појави потреба, Министерството ќе вложи напори и ќе бара начин за ниту една институција да не остане без лекар или медицинска сестра.
Во рамки на посетата, министерот Алиу одржа средби со повеќе граѓани кои беа пријавени преку платформата „Отворен кабинет“. Тоа е достапно на официјалната веб страница на Министерството за здравство. Присутните граѓани споделија искуства поврзани со здравствените услуги на примарно и секундарно ниво, како и конструктивни предлози за подобрување на организациските аспекти на здравствениот систем.