Австриската полиција објави дека еден од уапсените за планирање терористички напад на концертите на Тејлор Свифт во Виена бил во контакт со обезбедувањето на стадионот „Ернст Хапел“, каде што поп-ѕвездата требаше да настапи денеска, утре и в сабота. Концертите вчера беа откажани поради сериозни безбедносни закани, што уследи по апсењето на двајца австриски државјани на возраст од 17 и 19 години, пишува СДК.мк.
Весникот „Кронен цајтунг“ објави дека 19-годишниот Мухамед имал потекло од Македонија и властите го следеле подолго време.
„Реагиравме по дојава од странските служби, во комбинација со наодите на нашиот Директорат за државна безбедност и разузнавање. Има и други осомничени, истрагата е далеку од завршена“, изјави генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франц Руф.
На секој концерт на Свифт се очекуваа по 68.000 фанови, плус 22.000 надвор од стадионот „Ернст Хапел“.
Според Руф, првоосомничен е 19-годишниот Мухамед, кој бил уапсен во неговиот дом во градот Терниц во Долна Австрија, каде што се подготвувал напад. При претресот биле пронајдени хемиски супстанци и технички уреди, кои сега се испитуваат. Тој рекол дека хемикалиите ги украл од својот поранешен работодавач.
Руф кажа и дека Мухамед пред неколку недели објавил видео на ТикТок во кое ѝ дава заклетва на Исламска држава.
„Момчето секогаш беше пријателски расположено, а семејството многу фино“, изјави една сосетка на Мухамед.