Рускиот претседател Владимир Путин ги повика украинските војници да преминат на руска страна, порачувајќи им дека тоа претставува вистинската страна на историјата.

Тој го изјави ова за време на интервјуто со српскиот режисер Емир Кустурица, кое Кремљ го објави во целост.

Разговорот бил снимен за потребите на документарниот филм насловен „Нашето крштевање: Поглаварот“, посветен на 80-тиот роденден на патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква.

Путин во интервјуто детално зборува за војната во Украина, релациите со Западот и значењето на православието за Русија.

„Што се однесува до украинските војници, не сакам да кажам дека треба да се предадат, бидејќи тоа звучи донекаде понижувачки. На крајот на краиштата, тие се борат – продолжуваат да се борат“, рече Путин.

„Би сакал да им порачам да преминат на наша страна, бидејќи тоа е нашата заедничка страна – и вистинската страна на историјата“, продолжи Путин.

Во овој контекст, рускиот лидер изјави дека не се залага нужно за повторно формално обединување на Русија и Украина во една држава.

Тој појасни дека мисли на единство во поширока смисла, како и на соработка меѓу двата народа за постигнување заеднички цели. Путин воедно тврди дека Западот се обидува да ги ослаби и Русија и Украина.

Путин упати обвинувања кон западните земји дека ѝ даваат поддршка на Украина исклучиво за да ги остварат сопствените геополитички интереси. Според неговите зборови, нивната цел не е да му помогнат на украинскиот народ, туку да ја ослабат Русија и да посеат раздор меѓу народите што тој ги смета за историски нераскинливо поврзани.

Притоа, тој се повика на античкиот римски принцип „раздели па владеј“, тврдејќи дека ваквата политика се применува против Русија со векови наназад. Како историски примери ги наведе инвазијата предводена од Наполеон, како и случувањата во Првата светска војна и Втората светска војна.

Според него, западните сили настојуваат да ја ослабат Русија, да ја направат попослушна и целосно да ја потчинат на сопствените стратешки интереси. Тој им ги припиша истите намери и на државите кои во моментов ѝ пружаат воена и финансиска помош на Украина.

Путин во разговорот со режисерот констатираше дека Украина изгубила голем дел од својата индустрија и население по распадот на Советскиот Сојуз. За таквиот неповолен развој на настаните тој директно го обвини официјалното украинско раководство, квалификувајќи го како националистичко.

„Патриотите ја сакаат својата земја, додека националистите ги мразат другите народи“, рече Путин.

Тој упати уште еден повик до Украинците сериозно да размислат за заедничка иднина со Русија.

Значаен дел од разговорот бил посветен на улогата на православието.

Кустурица отвори прашање дали руската цивилизација би можела да стане еден вид заштитна арка што ќе ги сочува христијаните и традиционалните вредности од промените што се случуваат во западните општества.

„Може. Апсолутно“, одговори Путин.

Тој образложи дека Русија би можела да понуди засолниште за сите луѓе кои сакаат да ги зачуваат традиционалните религиозни и семејни вредности – вклучително и граѓаните кои доаѓаат од европските држави.

Во тој контекст, рускиот лидер се осврна на концептот за Москва како „Трет Рим“, според кој руската престолнина претставува духовен наследник на Рим и Цариград како центар на христијанството. Тој нагласи дека Русија нема намера да ги заштитува единствено православните христијани.

„Москва е Третиот Рим. Четврти нема да има“, рече Путин.