МВР го идентификувало скопјанецот кој со мотоцикл „сузуки“ возел на едно тркало на булеварот „Партизански Одреди“, кај Универзална сала. Против А.А. (37) ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило и загрозување на безбедноста во сообраќајот со опасно дејствие или средство.

Постапката следува по објавувањето снимки на повеќе портали и електронски медиуми на 10 октомври, на кои се гледа како мотоциклистот повеќепати вози небезбедно на едно тркало, загрозувајќи се себеси и другите учесници во сообраќајот. СВР Скопје и „Безбеден град“ утврдиле дека мотоциклот со скопски регистарски ознаки бил управуван на 3 октомври на булеварот „Партизански Одреди“, кај крстосницата со улицата „29-ти Ноември“.

По разговор со сопственикот и корисникот на мотоциклот, полицијата добила информација дека на 3 октомври го управувал А.А. (37) од Скопје. Полициските службеници разговарале и со него, по што, според МВР, тој потврдил дека возел без возачка дозвола и објавил неколку видеа на својот профил на ТикТок.

За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Пријавата ќе се однесува на член 297-а од Кривичниот законик, „Безобѕирно управување на моторно возило“, и член 298, „Загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“.