Шест полициски службеници ќе бидат суспендирани по инцидентот во Сарај во средата, во кој две млади лица се здобиле со телесни повреди. Внатрешната контрола утврдила неправилности во постапувањето на полицајците при примената на полициските овластувања.

„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андревски.

Надлежните обвинителства издаваат наредби за вештачење, по кои се постапува. По документирањето на целокупниот доказен материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Внатрешната истрага беше отворена откако две момчиња од Скопје го обвинија МВР за полициска бруталност и прекумерна употреба на сила. Во јавноста беа објавени фотографии на кои се гледаат повреди и модринки на лицата на младите, кои имаат 21 и 23 години.

Случајот доби поширока јавна димензија по реакциите на опозициските партии од албанскиот политички блок, пред сè ДУИ и Алијансата за Албанците. Тие објавија фотографии и видео од повредите на двајцата млади и побараа одговорност.

ДУИ тврди дека, според интерниот полициски извештај, двете момчиња му го одзеле службениот пиштол на еден од полицајците. Партијата ја оспорува таа верзија и наведува дека пиштолот паднал во автомобилот на момчињата откако полициските службеници го скршиле прозорецот на возилото.

Од владејачката Вреди побараа постапката да биде целосно транспарентна.

Реакција имаше и од Независниот синдикат на полицијата, кој изнесе поинаква верзија на настаните. Оттаму наведуваат дека осомничените момчиња се обиделе да ги прегазат полициските службеници, а потоа му го одзеле службеното оружје на еден од нив.

Синдикатот побара случајот да не добива етнички предзнак и да не се користи за политичка манипулација.